Семејството на загинатиот полицаец во кумановско Диво Насеље, Горан Стојменовиќ и денес е вознемирено по вчерашното вандализирање на неговата биста и иконите во паркот во скопско Инџиково кој му е посветен нему. Неговата сопруга, Ане Стојменовиќ, за „Макфакс“ вели дека и порано имало оштетувања, но биле на клупите и летниковецот, никогаш досега вандалите не посегнале по бистата.

„Уште се тресам, не можам да се смирам. Вандалите тоа го направиле среде бел ден, вчера, на празник. Јас отидов кај бистата околу 20 часот и сѐ беше исчкртанo. Соседите, кои живеат веднаш до паркот, велат дека утрото бистата била чиста. Веднаш пријавив во полиција. Дојдоа, направија увид, направија записник и си заминаа. Вакви оштетувања првпат прават. Досега ги кршеа клупите и опремата околу, но никогаш не ја оштетија бистата“, вели сопругата на загинатиот полицаец.

Во паркот и порано имало оштетувања, но вандалите првпат посегнале по бистата

Бистата на загинатиот полицаец Стојменовиќ вчера беше исчкртана со син спреј, а пречкртани се и иконите околу неа. Сопругата на Стојменовиќ вели дека не се сомнева во некој, посебно.

„Тука доаѓаат и многу луѓе од страна, не само локалното население. Порано, додека работеа камерите во паркот, вакви работи не се случуваа. Се појавил некаков проблем и камерите беа исклучени, одамна не снимаат. До ова немаше да дојде ако работеа камерите. Јас сега ќе настојувам тие пак да проработат, ако не, спремна сум да платам и обезбедување за да не доживееме нешто слично оти за нас е многу болно“, низ солзи вели сопругата Стојменовиќ.

Градоначалникот на Гази Баба, доцна синоќа, преку „Фејсбук“ најави дека оштетувањата ќе бидат поправени

Таа се уште жали и за златото на сопругот кое им го украле крадци кои пред извесно време им упаднале дома. Имало кражби и во други куќи во околината, но во нивната улица, нивната куќа била единствената која ја обиле.

„Ни ги одзедоа спомените. Пријавив и тогаш во полиција, уште нема трага од крадците иако помина многу време“, вели Стојменовиќ.

Вандалите, вчера, преку ден со син спреј го оштетиле споменикот и иконите во паркот во Инџиково

Доцна синоќа градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ најостро го осуди вандализмот и им порача на граѓаните да бидат спокојни, оти и споменикот и иконите ќе бидат обновени, ќе продолжи традицијата на оддавање почит на херојот Горан Стојменовиќ и чествувањето на Соборот на 12 Апостоли во Инџиково.

Горан Стојменовиќ загина во антитерористичката акција во кумановско Диво Насеље во мај 2015 година во која животот го загубија и Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски и Ненад Серафимовски.

Сите посмртно беа одликувани од претседателот на државата со медали за храброст.