Факултетот за музичка уметност во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и технолошкиот институт Xiamen Institute of Technology од Кина потпишаа Меморандум за соработка. Со овој чекор се отвораат нови можности за академска и уметничка размена, мобилност на студенти и наставен кадар, како и реализација на заеднички концертни, едукативни и научноистражувачки проекти.
Во рамките на воспоставената меѓународна соработка, на 23 ноември 2026 година во концертната сала на институтот во Ксиамен се одржа концертот под наслов „Музиката нè поврзува“, каде што заеднички настапија македонски и кинески уметници.
Концертната програма опфати вокални и инструментални дела од македонски и кинески композитори, меѓу кои Дарија Андовска, Горан Начевски, Жао Џипинг и Сјен Сингхај, како и дела од светскиот музички репертоар на Моцарт, Доницети, Пучини, Леонкавало, Респиги и Гуаставино. Носители на концертниот настап беа македонските пијанистки Елена Атанасовска-Ивановска, раководител на Катедрата за клавишни инструменти и харфа, и Марија Вршкова, продекан за концертна дејност на ФМУ Скопје.
Веќе следниот ден, професорките Вршкова, Атанасовска-Ивановска и Здравкова-Џепароска одржаа стручни мастеркласови по пијано и сценски движења. Воедно, професорката Андовска одржа предавање на тема дали сè уште има потреба да се пишува нова музика и реализираше работна средба со тамошните композитори.
Четирите професорки од скопскиот факултет беа официјално именувани за Почесни Уметници на институтот во Ксиамен.
Потпишувањето на меморандумот, реализираните мастеркласови, академското предавање и заедничкиот концерт претставуваат чекор кон натамошна интернационализација на ФМУ Скопје, промоција на македонското музичко творештво и зацврстување на културните и академските врски меѓу двете земји.
Посетата на Кина, поддржана од кинеската амбасада во Македонија, ја продолжуваат раководните лица на факултетот во Пекинг, каде што се планирани посети на танцовата академија и конзерваториумот, средба во македонската амбасада и официјален состанок во Министерството за култура и туризам на Кина.
