Седум дена по избувнувањето на протестите во Казахстан, властите соопштија дека сите административни објекти се безбедни. Сепак, се уште е во сила вонредната состојба.
Карим Масимов, поранешниот шеф на Комитетот за национална безбедност и некои други функционери се приведени под сомнение за велепредавство. Претседателот на Казахстан го прогласи 10 јануари за ден на жалост. Во регионот Алма-Ата е формиран антитерористички штаб, преземена е контрола на сите владини згради, а жителите се повикани да останат дома додека не се гарантира безбедноста на улиците. Терористите убиваа, палеа, крадеа и силуваа, тврди претседателот Касим Џомар Токаев. Вели дека во неколку бранови се случиле дури 20.000 терористички напади и дека затоа без предупредување издал наредба да се пука.
-Нема разговори со терористите. Гангстерите и терористите се многу добро обучени, организирани и под команда на специјален центар. Некои од нив не зборуваат казахстански – вели Токаев.
Рускиот претседател Владимир Путин имал телефонски разговор со Токаев, при што двајцата лидери разменија мислења за мерките што се преземаат за борба против немирите во Казахстан, соопшти Кремљ. Токаев му рекол на Путин дека ситуацијата во Казахстан се стабилизира и му се заблагодарил на рускиот претседател за распоредувањето на војници од земјите-членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност.
-Сите руски војници поминаа специјална обука и имаат искуство со борби на теренот. Аеродромот во Алмати повторно е под контрола на државните сили – вели Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази загриженост по пристигнувањето на руски војници, нагласувајќи дека тешко ќе се повлечат.
-Лекцијата од поновата историја е дека кога русите се во вашата куќа, понекогаш е многу тешко да ги истерате – смета Блинкен.
-Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека редовно ја следи состојбата во Казахстан и дека преку Амбасадата е во постојана комуникација со нашите државјани во таа земја. Било одговорено на двајца наши државјани, но никој не е загрозен, велат од МНР.
Од македонското МВР за МИА соопштија дека било дезинформација веста на руската агенција РИА Новости дека два приватни авиона, наводно на семејството на поранешниот претседател Назарбаев, слетале на аеродромот во Бишкек, од кои едниот бил од Македонија.
За МИА од Агенцијата за цивилно воздухопловство посочиле дека вчера имало лет од Скопје за Бишкек, авионот дошол од Истанбул и заминал за Казахстан. Станувало збор за најавен и одобрен бизнис лет и авионот ги исполнувал сите услови и барања со целокупна потребна документација за да добие одобрение за летот од македонските воздухопловни власти.
Казахстан е зафатен од најголеми протести откако земјата стекна независност од Советскиот Сојуз во 1991 година.
Протестите почнаа во западниот дел на земјата поради наглото поскапување на горивата, но набрзо се проширија како незадоволство од состојбата во земјата, во која иста партија владее од стекнувањето независност.