Може да дојде до намалена подвижност на дијафрагмата и градниот кош, намалување на контрактилните способности на мускулатурата за дишење, како и намалена движечка активност на болните. Тоа доведува до нарушување на белодробната вентилација и размената на гасови.

Токму затоа со респираторна гимнастика може да се постигне подобрување на секоја од наброените состојби. Со примена на вежбите за дишење би можело да се надминат респираторните проблеми кај повозрасната популација, но и да се заштитат пациентите од евентуални компликации на Ковид-19.

Овој тип на вежби можат да бидат прилагодени за различни групи на возрасна популација зависно од нивните коморбидитети.

Респираторната гимнастика има за цел да се:

-активира мускулатурата и да се зајакнат дишните мускули;
-зголеми подвижноста на градниот кош;
-подобри проодноста на дишните патишта и да се продлабочи дишењето;
-стимулира циркулацијата на крвта и да се урамнотежи работата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем;
-спречи хипотрофија на мускулите и слабеење на целиот организам.

Придобивки од респираторна гимнастика се:

-подобрување и нормализирање на респираторната функција;
-воспоставување на рамнотежа меѓу дишењето и циркулацијата на крвта;
-подобра заситеност на организмот со крв и отстранување на јаглерод диоксидот;
-обновување на здравјето и работната способност на луѓето.

Поради големото значење кое дишната гимнастика го има во терапијата на пациенти со респираторни заболувања, како и во превенција и одржување на општата здравствена состојба се препорачува дополнително да се насочи вниманието на вежбите кои не само повозрасната популација, туку и секој од нас може да ги изведува во домашни услови. На тој начин придонесуваме за подобрување на општото здравје, за одржување на кондицијата и функцијата на телото.

Препораки при изведување на вежбите за дишење:

-да се одбере мирно место за изведување на вежбите;
-да се заземе удобна и релаксирачка положба, а облеката што се носи да не стега премногу;
-вежбите да се изведуваат во проветрена просторија, а можат да се изведуваат и надвор на воздух;
-вежбите се препорачуваат да траат од 10 до 20 минути и не смеат да се интензивни за да не доведат до замор;
-секое лице може да одбере да ги изведе вежбите кои за него се наједноставни во зависност од општата физичка подготвеност и општо здравје;
-важно е да се ралаксираат мускулите на градниот кош, вратот и рамениците.

Што е потребно да внимаваме при изведување на респираторната гимнастика?

Издишувањето на воздухот или експириумот треба да е релаксиран, бидејќи при негово форсирање се зголемува турбуленцијата на воздухот во дишните патишта што може да доведе до појава на пречки во проодноста на дишните патишта; експириумот не треба да биде многу продолжен, бидејќи може да предизвика борба за здив со следното вдишување на воздухот и при длабоко вдишување на воздухот или длабок инспириум се препорачува само 3-4 пати наеднаш за да се избегне хипервентилација.

Корисни совети за правилно изведување на вежби за дишење.

Правилното дишење се изведува со вдишување на нос и издишување преку уста. Ако носните шуплини не се проодни, треба да се консултирате со вашиот лекар. Дишењето што го поттикнува здравјето и го подобрува квалитетот на животот е бавно и длабоко – бидете свесни за вашето дишење.

Неопходно е да се заземе најудобна релаксирачка позиција на телото.
Основно правило е да научите како да ги користите главните мускули за дишење, т.н. абдоминално дишење (дијафрагално дишење) и торакално дишење (градно дишење). Правилен начин за изведување на вежбање за дишењето значи да се користи полниот капацитет на белите дробови. Издишувањето треба да е полека и концентрирано, изговарајќи ја буквата „Ш“, „С“ или „Ф“ преку стеснување на усните. Овој звучен
феномен има значење да го насочи вниманието на пациентот на времетраењето на издишувањето (кое треба да биде подолго од вдишувањето). При вдишување абдоменот треба да се испакнува полека нанадвор, а при издишувањето да се врати кон ‘рбетот. Истото правило важи и за торакалното
(градното) дишење, кога при вдишувањето градите треба да се движат нанадвор и да се вратат во првобитната положба кога се издишува. Вежби за дишење можат да се изведуваат во лежечка положба, полу-седечка положба, седечка и стоечка положба. Фреквенцијата и времетраењето на вежбите за дишење се индивидуални. Вежбајте три пати на ден, 10-15 минути, со постепено зголемување на времетраењето на вежбите до 20 минути. Кога ќе се совладаат вежбите, времетраењето на вежбите исто така може да се намали на пет минути двапати на ден. Препорачливо е да вежбате цел живот!