Нови инвестиции за инфраструктура и јавен превоз

Советот на Град Скопје денеска го усвои ребалансот на Буџетот за 2025 година, со кој се обезбедуваат средства за реализација на клучни проекти во инфраструктурата, јавниот превоз и образованието. Одлуката беше донесена со 37 гласа „ЗА“, еден воздржан и еден против, што според градоначалникот, значи почеток на нова ера на стабилизација и развој на градот.

„Со ребалансот ја намалуваме буџетската дупка за 928,5 милиони денари и ги зголемуваме капиталните инвестиции за речиси 98,9 милиони денари. Ова ќе овозможи редовна исплата на платите и средства за проекти што навистина ги подобруваат условите за живот на граѓаните“, изјави градоначалникот.

Во рамки на новите инвестиции, се планира враќање на приватните превозници во системот, набавка на 80 нови автобуси и разгледување на воведување на БРТ-систем, кој ќе ја подобри мобилноста и безбедноста на јавниот транспорт.

Зелени површини и образовни проекти за сите скопјани

Ребалансот овозможува и реализација на нови зелени површини, меѓу кои парк „Христијан Тодоровски – Карпош“, парк „Лепенец“ и 50 мали паркови низ градот. Во образованието, сите училишта ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли и информатички кабинети, како и лаптоп за секој првенец на генерација, со цел да се подобрат условите за учење.

„Овој ребаланс не е само бројки во буџетот, туку конкретни проекти кои ќе го направат Скопје поубав и побезбеден град за сите негови жители“, нагласи градоначалникот.

Во делот на инфраструктурата, предвидена е реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, третата лента на булевар „Александар Македонски“, булеварите „Хрватска“ и „АСНОМ“, како и клучката кај „Момин Поток“. Планирани се и средства за подготовка на проектна документација за повеќе улици, вклучително „Шарпланинска“, „Бутелска“ и „Радишанска“, како и продолжување на булевар „Борис Трајковски“.

„Со усвојувањето на ребалансот започнуваме нова фаза во развојот на Скопје. Целта ни е градот да се врати на вистинскиот развоен пат“, заклучи градоначалникот.