Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа средба со амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија, Кристин Форсгрен Бенгтсон. Како што информира прес-службата на Спасовски, на средбата се дискутирало за соработка помеѓу двете земји и можностите за нејзино продлабочување.

Министерот Спасовски изрази благодарност до Шведска за поддршката што ја дава за преговорите со Европската Унија, но предолго се чека поради како што вели тој „нелогичните барања на Република Бугарија“.

-Ова веќе не е прашање на Република Северна Македонија, тука е прашање на Европската Унија и многу е важно каков ќе биде одговорот, за да не се остави простор за други влијанија во регионот. Ние сме максимално посветени на пронаоѓање решение, но тие разговори мораат да бидат на принципиелна основа, нагласи Спасовски, додавајќи дека сите земји членки на ЕУ можат и се очекува да дадат свој придонес за да се откочи овој процес за Северна Македонија и Албанија, да се направи чекор напред, да се упати силна порака до граѓаните и да не се губи вербата во вредностите на Унијата.

Амбасадорката Бенгтсон посочи дека Шведска максимално ја поддржува Република Северна Македонија на патот кон Европската Унија, при што нагласи дека е сосема подготвена за влез во Унијата. При тоа, информираше и дека Шведска има посебна стратегија за развој 2021-2027 која ја вклучува Република Северна Македонија.