Индонезиските власти продолжуваат со активностите за доставување помош до илјадниците евакуирани лица кои беа принудени да ги напуштат своите домови по силниот земјотрес што ја потресе Западна Јава.

Индонезиските власти продолжуваат со активностите за доставување помош до илјадниците евакуирани лица кои беа принудени да ги напуштат своите домови по силниот земјотрес што ја потресе Западна Јава, во кој загинаа најмалку 271 лице, а 40 се водат како исчезнати.

Дождот, одроните и непристапниот планински терен ја попречуваат работата на спасувачките екипи.

Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала во понеделникот го потресе градот Цјанџур, околу 75 километри јужно од главниот град Џакарта.

„Условите се тешки. Врне дожд, земјиштето се уште се тресе, нестабилно е, затоа неопходна е претпазливост. Евакуацијата останува приоритет и сакам да ги уверам сите дека испораката на помош се одвива добро“, изјави индонезискиот претседател, Џоко Видодо.

Спасувачите користат багери и друга тешка механизација за расчистување на калта и урнатата земја во потрага по жртви.

„Спасувачките напори се насочени кон селото Циџедил, бидејќи се претпоставува дека таму под свлечиштето се затрупани околу 30 лица“, изјави Џошуа Банжарнахор од Националната агенција за пребарување и спасување.