Србија е во процес на раскинување на договорот со компанијата на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, за „ревитализација“ на поранешниот Генералштаб на поранешната Југословенска народна армија во Белград, кој предвидува изградба на мултимилионски деловен и станбен комплекс, објавија белградските медиуми доцна синоќа.
Српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура потврди за Радио телевизија Србија (РТС) дека раскинувањето на договорот е „во процес на формализирање“ и се очекува да биде завршено на почетокот од следната седмица.
Претходно, неделникот Време, повикувајќи се на извори во српската влада во технички мандат објави дека „договорот е раскинат со откажување од сите можни меѓусебни побарувања“.
Таквиот исход би значел дека Србија нема да се соочи со меѓународна арбитража и евентуално плаќање казни за неисполнување на својот дел од договорот.
„Случајот Генералштаб“ е под јавна лупа речиси две години откако владата потпиша договор со компанијата на Џаред Кушнер „Affinity“ во мај 2024 година за „ревитализација“ на поранешниот комплекс на Генералштабот на ЈНА во центарот на Белград, чии делови беа уништени за време на повеќемесечното бомбардирање на НАТО во 1999 година.
Со договорот, кој сè уште не е објавен, Србија го дава на изнајмување земјиштето на комплексот на 99 години, а на местото на урнатините е планирана изградба на две високи згради со станови и хотели.
Реновирањето на зградите од комплексот, изградени помеѓу 1955 и 1965 година, кои се заштитени како културно добро поради нивната архитектонска вредност, наиде на отпор од професионални институции и организации, како и од српската опозиција и невладините организации.
Неделникот Радар подоцна објави дека Србија се обврзала да ја отстрани заштитата од комплексот, да ги сруши постојните оштетени згради на свој трошок и да го предаде земјиштето без надомест на 99 години.
Според неделникот Време, според договорот, Србија имала две години, до мај 2026 година, да го направи она што било ветено, во спротивно инвеститорот можел да побара надомест до 50 милиони евра.
Владата го отповикала статусот на комплексот како културно добро во ноември 2024 година, по што следеше скандалот дека тоа е направено под притисок, додека Обвинителството за организиран криминал (ТОК) утврдило дека владата ја донела одлуката врз основа на фалсификуван предлог.
Горан Васиќ, кој беше директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, на расправа во мај 2025 година признал дека го фалсификувал документот.
Поради ова, на 15-ти декември истата година, ТОК поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ, секретарката на министерството Славица Јелача и раководителите на двата надлежни институти, Горан Васиќ и Александар Ивановиќ.
Истиот ден, беше објавено дека Кушнер се повлекол од проектот.
Претходно, во САД, за време на изборната кампања за вториот мандат на Доналд Трамп, беше покрената истрага за работењето на компанијата на неговиот зет Џаред Кушнер.
Истрагата ја покрена сенатскиот Комитет за финансии на американскиот Конгрес, а според Гласот на Америка (VOA), демократот Рон Вајден, кој ја водеше истрагата, изјави дека претставници од Србија и Албанија ѝ се обратиле на компанијата „Affinity“ со деловни предлози за инвестиции.
Според VOA, Вајден побарал и детален опис на условите на сите договори меѓу компанијата „Affinity“ и српската влада за развој на недвижности во Србија.
Тогашниот српски претседател Александар Вучиќ се пофали во јуни 2024 година дека се сретнал со Џаред Кушнер во Белград и на својот Instagram профил изјави дека тоа била „инспиративна размена на идеи“, и дека му го покажал на гостинот Белград и „изнесе некои од плановите за негов уште побрз раст“.
Вучиќ и Српската напредна партија ги загубија парламентарните избори во Србија на 25 октомври оваа година, а по победата на листата на студентското движење, се очекува дека бројни договори склучени за време на владата на СНС, кои можат да бидат поврзани со коруптивни практики, ќе бидат под лупа.
