Генералниот директор за јавна безбедност на Австрија, Франц Руф, е во работна посета на Македонија. Денеска се сретнал со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, а разговарале за безбедносните состојби и предизвици во двете држави, како и за миграцијата и миграциските текови, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во фокусот на средбата била и можноста за продлабочување на соработката меѓу полициските служби, со размена на искуства и добри практики и организирање заеднички обуки.

„Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка меѓу полициските служби, преку размена на искуства, знаења и добри практики, како и преку реализација на заеднички обуки, со цел јакнење на професионалните капацитети и ефикасноста во справувањето со современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.

Од МВР оценуваат дека средбата е можност за продлабочување на партнерството и продолжување на соработката меѓу двете институции, со цел унапредување на безбедноста и зајакнување на заедничкиот одговор на актуелните предизвици.