Николоски – Јанош: Се продлабочува соработката меѓу Македонија и Унгарија

Македонија и Унгарија се пријателски земји со одлични економски и политички односи и во духот на ова пријателство ја продолжуваме досегашната соработка. Поддршката од Унгарија е значајна и за патот кон Европската Унија и верувам дека оваа наша соработка ќе биде добробит за македонскиот народ, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транпорт, Александар Николоски придружуван од министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, на денешната билатерална средба со својот колега, министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија, Јанош Лазар како и со министерот за национална економија, Мартон Наѓ.

Втор ден македонско-унгарскиот самит

Средбата е дел од дводневната владина посета на Унгарија и одржување на македонско-унгарскиот самит. Во фокусот на средбата беа економските политики и инфраструктурниот развој на регионот. Македонија има силни инвестициони планови во модернизација на транспортната мрежа и во таа насока се реализираат крупни инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат конкурентноста на транспортот во регионот посебно на европските коридори, истакна вицепремиерот Николоски. Тој потенцриаше дека Македонија е силно посветена на изградба на брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта и затоа огромна е важноста на поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на еден ваков проект. Исто така на средбата министрите разговараа и за можноста за реализација на заеднички проекти од регионален интерес, зголемување на трговската соработка и инвестициите.

Следуваат крупни проекти

Министерот исто така информираше и за забрзаните активности за реализација на крупните капитални проекти во Македонија, потенцирајќи дека средствата од заемот веќе се насочени кон општините за реализација на инфраструктурни проекти. На средбата беа разменети мислења и ставови во делот на зголемување на билатералните и мултилатерални односи и стабилноста во регионот. Вицепрмеиерот Николоски изрази огромна благодарност за несебичноста на унгарската влада во поддршката што ја овозможуваат за економско зајакнување на Македонија и за процесот на евроинтегративните процеси на земјата. Тој исткана дека Македонија е силно посветена на европерспективите преку реформирање на значајни сегменти во судството, борбата против криминалот и корупцијата.

„Овие средби со нашите унгарски пријатели ќе донесат големи придобивки за Македонија и регионот. И веќе македонските граѓани ги чувствуваат тие придобивки. Алоциравме 100 милиони евра кон општините за нивен развој токму преку финансиската поддршка од Унгарија, а оваа година веќе 250 милиони евра се ставени на располагање исто така за проекти во општините. Имаме одлични економски и билатерални односи со Унгарија, оваа година бележиме три децении од тие односи и сметам дека тоа е плод на заедничките политики. Ова е време кога се потребни силни пријатели, а Унгарија е силен партнер на Македонија и голем поддржувач во реализација на стратешките цели на земјата“-истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

На средбата двете страни изразија задоволство од досегашната соработка, потенцирајќи дека унапредувањето на односите меѓу двете земји е активност на која ќе работат и двете влади.