Разговарале за дигитализација, инвестиции и поддршка на општините
Министерот за локална самоуправа Златко Перински и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески одржале работна средба посветена на локалниот економски развој, инфраструктурните инвестиции и подобрувањето на условите за работа на компаниите во општините.
На средбата било оценето дека функционалните и финансиски стабилни општини се важен предуслов за привлекување инвестиции, развој на економијата и рамномерен регионален развој. Соговорниците разговарале и за процесот на децентрализација, како и за можностите за заедничко користење на фондови.
„Локалната самоуправа претставува важен партнер во создавањето поволна и предвидлива средина за развој на приватниот сектор, особено преку ефикасно спроведување на надлежностите, поквалитетни услуги и создавање подобри услови за работа и развој“, изјавил Перински.
Дигиталните услуги како поддршка за бизнисот
Посебен акцент на состанокот бил ставен на дигитализацијата на локалните услуги. Било посочено дека секоја поедноставена процедура и секоја електронска услуга значат побрзи и поефикасни институции, но и подобра деловна клима за компаниите.
Се разговарало и за ажурирањето на базите на даночни обврзници, при што била нагласена потребата од фер и транспарентен систем. Според учесниците, подобрата наплата на локалните приходи треба директно да се насочи кон инфраструктура и услуги од кои корист ќе имаат и граѓаните и бизнис секторот.
Бизнис заедницата да учествува во креирањето политики
На средбата било отворено и прашањето за поголемо учество на бизнис заедницата во креирањето локални и регионални политики. Притоа било истакнато дека Комората веќе е вклучена во Советите за развој на планските региони преку свои претставници.
Перински нагласил дека Министерството за локална самоуправа ќе продолжи да поддржува иницијативи насочени кон поефикасни општини и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите.
