Лажно претставување и контакт со институција
ОВР Прилеп поднесе известување против ученик од средно училиште во Прилеп поради сомнение за сторено кривично дело „компјутерски фалсификат“. Пријавениот се претставувал лажно како наставник по англиски јазик од основно училиште во Виница и на тој начин стапил во контакт со вработена во Министерство за образование и наука.
Добил администраторски пристап до е-дневник
Откако бил воспоставен контакт, вработената му укажала дека комуникацијата не треба да се одвива преку социјални мрежи и му креирала службена електронска адреса. Потоа му доделила администраторски пристап до е-дневникот преку нејзината корисничка сметка и му наложила да ги координира наставниците. На овој начин, ученикот имал пристап до податоците на професорите на ниво на целата држава и активно учествувал во нивната координација при користењето на системот.
Ги избришал трагите по откривање на случајот
Во периодот од 2022 до ноември 2025 година, ученикот непречено пристапувал до системот, сè додека не било пријавено бришење на податоци од страна на една професорка. По ова, пријавениот ги избришал сите профили и налози поврзани со лажниот идентитет на социјалните мрежи, а подоцна бил избришан и службениот меил од МОН.
