Овој член, според ССМ, е преседан бидејќи, како што наведуваат, со него се предвидува стратешкиот партнер да има целосно право да го организира работното време на работниците кои би можело да бидат ангажирани во просек и до 60 часа неделно во текот на годината.

– Поддржувањето на работно време од огромни размери (просек од 60 часа неделно на годишно ниво) е начин на поддржување на присилна работа без почитување на човековите права и човечко достоинство, не водејќи грижа за работникот како најважен ресурс на државата. ССМ се грижи за заштита на работничките права и промовирање на човечкото достоинство, а државата, треба и мора, потребата од работна сила да си ја обезбеди не со енормно зголемување на работното време на поединци, туку со ангажирање на зголемен број на работниците и не со ризикување и оптеретување на здравјето на работниците кои ќе бидат изложени на обем на работа надвор од нивните човечки потенцијали, наведува ССМ во денешното соопштение.

ССМ очекува дека во понатамошната собраниска процедура ќе биде избришан членот 12 од Предлог-законот.

Дописот на ССМ, како што информираат, е испратен до претседателот на Собранието, координаторите на пратеничките групи, Министерството за труд и социјална политика, Владата и до канцеларијата на Меѓународната организација на трудот во Скопје.