ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција обвини за нов скандал, овој пат во локалната власт. Од партијата велат дека очигледно на повидок е нов „Драги Рашковски“, ама овој пат во градот Скопје, раководен од Петре Шилегов.
Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, откри дека чест добитник на јавните набавки и тендери од градот е компанијата Армор Плус чиј сопственик Димитар Петрески е сопруг на сестрата на секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ.
Секоја година компанијата Армор Плус добивала јавна набавки од градот раководен од Петре Шилегов. Па така фирмата на зетот на секретарот на Скопје во ноември лани, добила тендер за заштитни одела во износ од речиси 5 милиони денари. Ваква слична јавна набавка имало и еден месец порано во износ од 350 илјади денари.
Во 2019-та година зетот од Град Скопје добива уште една јавна набавка од градот раководен од Шилегов во вредност од над 2 милиони денари. Ваква набавка истата фирма добила и во други два наврати во 2017-та година веднаш по стапувањето на Шилегов на оваа функција во вредност од над 2 милиони денари.
-Значи градот Скопје воден од Петре Шилегов во околу 5 наврати исплатил 10 млиони денари на компанијата на зетот од сестра на секретарот на градот Скопје. Очигледно на повидок е нов случај а-ла „Драги Рашковски“ овој пат во градот Скопје, раководен Петре Шилегов, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од партијата поставија неколку прашања, како токму компанијата на зетот од сестра на секретарот на градот Скопје е добитник на 5 јавни набавки во вредност од 10 милиони денари? Дали ова се единствените јавни набавки или имало и повеќе други, каде што се врзуваат вакви зетовски, снаовски, балдиски- врски, поврзани со Петре Шилегов и со секретарот на Градот Скопје?
-Почитувани, мафијата не мирува, додека цело општество се распаѓа, економијата тоне во рецесија, мафијата дрпа од буџетите, било да е од централниот или локалните буџети, за нивните шеми нема разлика!, рече Стоилковски
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека секретарот на градот Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ е партиски кадар на СДСМ, додавајќи дека, „впрочем тоа е истата личност којашто Зоран Заев го прогласи за партиски победник како единствен кандидат на партиските избори“.