СДСМ и МВР на Оливер Спасовски молчат за каубојската оружена пресметка во скопски Чаир. Вчера не одговорија дали за лицето коешто пукало кон полицијата заради контрола на возило и потоа е ослободено, е осудено за истото дело и веќе цела година има наредба до СВР Скопје да биде приведено за издржување на затворската казна, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес конференција.

Тој посочи дека Оливер Спасовски повеќе не смее да се крие и како прв човек на МВР, мора да одговори: Дали Ариф Асани, функционер на ДУИ и втор човек во БЈБ, е снимен од камерите на системот „сејфсити“, од безбедносните камери, вечерта на местото на пукањето во Чаир? Дали заменик директорот на Бирото за јавна безбедност е снимен од камерите како трча кон полициските службеници, а тие по разговор со него го пуштаат лицето да замине? Дали постои снимка од системот „сејфсити“ на којашто се гледаат полицајците и Ариф Асани, а на снимката нема други лица? Дали полицајците во своите службени белешки прикриваат дека Ариф Асани влијаел тие да го ослободат лицето, па е наведено дека „поголема група на граѓани ги попречила да го приведат лицето“?

– МВР под Оливер Спасовски не смее да биде испостава на СДСМ и да служи за самоволие на ДУИ. Доколку врхушката на СДСМ сакаат, тие може да бидат заложници на ДУИ, но Македонија ниту било кој граѓанин не смее да биде заложник, само и само за гола власт на СДСМ. Со СДСМ, наместо извор и гарант за безбедност на граѓаните, МВР стана извор на небезбедност, појасни Стоилковски.

Портпаролот му порача на Оливер Спасовски: Доста се криеш, ова е огромен скандал. Македонија не смее да биде мафијашки рај за ти да бидеш министер! Премногу е!