На денешната собраниска седница која се одржа за продолжување на кризната состојба со топлинската енергија, пратеникот Бојан Стојаноски кажа дека не само оваа, туку активни се четири кризни состојби во Република Македонија – економска, здравствена, енергетска и топлинска. Тој додаде дека она за што треба да се дискутира во собранието е која е причината која довела до сите овие кризи.

-Јас можам да го прифатам аргументот дека дел од овие кризи се увезени, но јас тука можам да ви приложам многу аргументи зошто овие кризи се направени токму поради тоа што имате неспособни менаџменти кои треба да ги делегираат овие институции. Почитувани колеги од мнозинството, до сега енергетската криза нѐ чини 160 милиони евра, криза која се јави делумно затоа што е увезена, но само заради тоа што најголемите комбинати не произведуваат струја поради тоа што нема јаглен, заради тоа што хидроакумулациите се исушени, заради тоа што што не сме имале план како да го заштитиме интересот на нашите граѓани и ќе мора сега да претплатиме затоа што на некој му било поважно да зема тендери, да лапа пари и провизија а не да се грижи за граѓаните и нивниот стандард, рече Стојаноски.

Тој додаде дека струјата се покачила за 30%, горивата за само 12 месеци за цели 20 денари и дека има осум понеделници по ред како се качува цената на горивата во континуитет.

Стојаноски запраша зошто се воведува кризната состојба, дали заради тоа што во државата е сѐ розево или затоа што има проблеми.

-Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата во шести месец 2021 година ви велеше: Луѓе, почнете да се спремате за наредната година, ќе има криза во топлинската енергија поради тоа што расте цената на гасот. Обезбедете доволно гас затоа што граѓаните ќе ја платат вашата неспособност! И вие се смеевте. Декември месец, Христијан Мицкоски, на медиум излегува и го изјавува следново: Компаниите од бизнисот со топлинската енергија немаат доволно природен гас и дека неговата цена на берзите бележи значително зголемување, затоа државата мора да помогне за да се спречи ценовен шок. Компаниите може да набават гас, но во декември тој е трипати поскап во однос на природниот гас кој се набавувал пред шест месеци кога се формирала цената на граѓаните, додаде Стојаноски.

Стојаноски рече дека ќе се случи сето ова било неколку пати алармирано, но власта како и по обичај не ги слуша предлозите на опозицијата.