Петре Шилегов, Стефан Богоев, Златко Марин и Саша Богдановиќ потрошиле околу 150 милиони денари, односно близу 2.5 милиони евра за последните три години преку тендери склучувајќи договори чии единечни цени не ги објавиле на страната на Биро за јавни набавки, изјави на прес конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски кој додаде:
-Градоначалниците од СДСМ не го почитувале Законот за јавни набавки и спротивно на чл.70 ст.3 од истиот закон по склучување на договорите не ги објавиле со поединечните цени по ставки, што отвора сомнеж дека се кријат големи набавни разлики. Имено за три години општина Карпош склучила договори во висина од 31.000.000 денари, за кои подоцна на страната на Биро за јавни набавки не објавиле договор со ценовна листа. Истото го направила и Општина Центар со неколку договори во висина од 17.900.000 денари. Град Скопје пак за договор од 75.000.000 денари и Општина Аеродром со договори во вредност од 24.600.000 денари,вели Стојановски.
Прашуваме, дали зад криењето на ценовните листи се крие огромна ценовна разлика, како што беше случај по откритието на одредени медиуми дека Златко Марин со пари на Општина Аердром плаќал канти за ѓубре од 300 евра, и обрач за кош од 250 евра? Дали Шилегов ја сокрил ценовната листа од договорот вреден 75.000.000 денари за да не се открие ново преплаќање со парите на скопјани како во случајот со противпожарното возило со скала? Што се крие и зошто не се објавуваат цените, тоа е вистинското прашање на кое чекаме одговор! A, тоа е и законското прекршување за кое што ќе има одговорност, подвлече Стојаноски.