Шведска и Финска во вторник ќе потпишат протокол за пристапување во НАТО, изјави денеска во Мадрид генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Политичката одлука за прием на Финска и Шведска беше донесена вчера на самитот на лидерите на Алијансата, а протоколот за пристапување ќе биде потпишан во вторник“, рече Столтенберг на прес-конференција по самитот на НАТО во Мадрид.
Откако ќе се потпише, пристапниот протокол мора да биде ратификуван во сите 30 земји-членки на НАТО.
Столтенберг рече дека на „трансформативниот самит“ лидерите на НАТО донеле далекусежни одлуки за прилагодување на Алијансата за иднината.
Меѓу другото, тој спомена темелна реорганизација на силите за одвраќање и одбрана, одлуката за прием на Шведска и Финска за членство, долгорочна поддршка за Украина и усвојување на нов стратешки концепт.