Иницијаторите побараа од Министерството да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции. Според нив, предлог-законот не ги решава проблемите што постојат во образованието и генерира нови, има и недоследности и импликации во останатите закони што се однесуваат на образованието во земјава.

– Законот не е во интерес на иднината на децата, нивното физичко и ментално здравје, развојот на нивниот потенцијал, а непосредно ќе се одрази и на здравјето на родителите, наставниците и останатите инволвирани во образовниот процес, изјави Драгана Спасевска, која рече дека е воспитувачка од Битола и мајка на три деца, а фејсбук-групата има над 70 000 приврзаници.

Рече тие се “гласот на родителите”, кои алармираат дека во државата има руинирани училишта без нормални услови за настава, дека секое седмо дете нема ИТ- уред и интернет. Нагласи дека не се против осовременување на образованието со дигитални алатки, но тие да бидат дополнителни помагала, а печатените учебници да останат во употреба.

-Во нашата фејсбук-група направивме и анкета во која родителите имаат многу барања во образованието – печатените учебници да останат во употреба во наставата, да нема спојување на два предмета во еден, да се исклучи сеопфатното родово сензитивно образование, што побргу да се донесат протоколи за враќање на децата во училишните клупи и нам, родителите, да ни се овозможи да имаме право да предлагаме изучување на темите во образовнието, рече Спасевска.

Таа соопшти дека „за да ја сфатат сериозноста“ на нивните намери, утре ќе организираат бојкот на наставата – и онлајн и со физичко присуство, во основно и во средно, а доколку не биде прифатено нивното барање, ќе следуваат протести и барање оставка од министерката Мила Царовска, како и иницијатива за непосредно изјаснување на граѓаните.

На прашање Спасевска одговори дека немаат контакти со Сојузот на средношколци, кој денеска се огради од бојкот во средните училишта со реакција дека тие не се организатори и дека бојкотот за нив е беспредметен со оглед дека дигитални учебници во 2021/2022 ќе се воведуваат само во четврто одделение.

Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование вчера од Собрание беше пратен во Секретаријатот за европски прашања на усогласување со европското законодавство, а Владата потоа на седница го утврди текстот во кој се опфатени и стратешките документи и препораки на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата.

Дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници.