СЗО во неделниот извештај за пандемијата објави дека бројот на нови случаи на инфекција и смртни случаи од последиците на коронавирусот ширум светот се зголемил за околу шест проценти.

Минатата недела беа пријавени 3,6 милиони нови инфекции и 51.000 смртни случаи.

Директорот на СЗО за Европа Ханс Клуге предупреди дека доколку не се преземат итни мерки наскоро, Европа би можела да забележи уште 700.000 смртни случаи до пролет.

– Европскиот регион останува во канџите на пандемијата на Ковид-19, рече Клуге.

Тој ги повика европските земји да ја забрзаат вакцинацијата и да преземат други мерки, како што се задолжително носење маски и физичка дистанца, за да се избегне употребата на последното средство – целосно затворање.

Тој додаде дека повеќе од милијарда дози вакцини се дистрибуирани низ европскиот регион на СЗО, кој се протега од Централна Азија, и оти стапката на вакцинација е меѓу 10 и 80 проценти.

На глобално ниво, според СЗО, бројот на новозаразени лица се намалил за 11 отсто во Југоисточна Азија минатата недела, а за девет отсто на Блискиот Исток.

Најголем пад на бројот на починати од коронавирусот, 30 отсто, минатата недела е забележан во Африка.

Во Северна и Јужна Америка бројот на заразени е стабилен, а бројот на починати е зголемен за 19 отсто.