Светската здравствена организација (СЗО) го дефинира продолжениот ковид како состојба со најмалку еден симптом кој вообичаено почнува да се појавува во рок од три месеци од почетокот на потврдена или веројатна зараза со коронавирусот, а трае најмалку два месеца.
СЗО минатата недела објави дефиниција за продолжен ковид-19, термин кој се користи за опишување на постојани здравствени проблеми кои ги имаат луѓето кои прележале коронавирус.
Научниците и понатаму работат на разбирањето на овој синдром, наведува Ројтерс.
Симптомите на продолжениот ковид можат да започнат во текот на инфекцијата или да се појават првпат откако пациентот закрепнал од акутната болест.
Меѓу најчестите упорни симптоми се наведуваат замор, отежнато дишење и когнитивни проблеми. Другите симптоми се болка во градите, проблеми со сетилото за мирис или вкус, слабост во мускулите и забрзано чукање на срцето.
Состојбата на продолжен ковид генерално влијае на извршувањето на секојдневните активности.
Ројтерс наведува дека сè уште не се знае точниот број на луѓе кои се погодени од оваа состојба.
Студија од Универзитетот Оксфорд која опфатила повеќе од 270.000 луѓе кои прележале коронавирус открила најмалку еден симптом во 37 отсто од случаите, при што симптомите биле почести кај луѓето на кои им била потребна хоспитализација.
Друга студија од Универзитетот Харвард која вклучила повеќе од 52.000 испитаници кои прележале ковид-19, а кои имале благи симптоми на инфекцијата или биле асимптоматски случаи, укажува на тоа дека состојбата на продолжен ковид почесто може да се јави кај пациенти помлади од 65 години.
Многу симптоми на оваа состојба, како што се наведува, со текот на времето исчезнуваат, без оглед на тежината на почетната болест на ковид-19.
Што се однесува до вакцинацијата и состојбата на продолжен ковид, помали истражувања покажале дека некои луѓе во овие состојби доживеале подобрување на симптомите по вакцинацијата.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) соопштил дека потребно е да се направат повеќе истражувања за да се утврдат ефектите на вакцинацијата на оваа состојба.