Од почетокот на руската инвазија регистрирани се повеќе од 80 напади врз здравството во Украина, изјави денеска директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус.
-Огорчени сме што продолжуваат нападите врз здравството. Од почетокот на инвазијата на Русија, имаше 82 напади врз здравството, што резултираше со најмалку 72 смртни случаи и 43 повредени, вклучувајќи пациенти и здравствени работници, изјави денеска Тедрос.
-Нападите врз здравството се кршење на меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да прекинат, додаде тој.
Мајк Рајан, директор на Програмата за итни здравствени ситуации на СЗО, рече дека постои голема разлика меѓу проблемите со пристап до здравствена заштита за време на конфликти и конфликти кои се активно фокусирани на здравството.
-Постои многу голема разлика помеѓу таа ситуација и ситуацијата во која на населението активно му се ускратува пристап до здравствена заштита, каде што навистина отсекувањето на луѓето е дел од тактиката. Тоа е дел од воената стратегија, рече Рајан.
-Тоа не се луѓе фатени во магла на војната. Тоа не се луѓе кои се само погодени од конфликтот. Тоа се луѓе кои се директни цели и се користат како стратешки алатки, како шаховски фигури на ужасна, убиствена табла на која немаат право ниту потреба да бидат, додаде тој.