На партнерството на главните светски здравствени агенции, наречено АЦТ-акцелератор, потребни му се 23,4 милијарди долари за помош на најризичните земји да набават и да распоред средства за борба против ковид-19 од сега до септември 2022, се наведува во соопштението на СЗО.
Се укажува дека таа сума е минимална во однос на илјадниците милијарди долари економски загуби предизвикани од пандемијата и трошоците за плановите за обнова.
-Нееднаквиот пристап до тестовите за ковид-19, лекувањето и вакцините, ја продолжува пандемијата во целиот свет и претставува ризик за појава на нови, поопасни соеви на вирусот кои би можеле да им избегаат на постоечките средства за борба против болеста, се наведува во соопштението.
Пандемијата од која веќе умреа речиси пет милиони луѓе откако се појави во Кина на крајот на 2019 година е „далеку од завршена“, кажа генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус.
Тој кажа дека до сега само 0,4 отсто од тестовите и 0,5 отсто од вакцините дадени во целиот свет се употребени во земји со мали приходи, иако тие претставуваат девет отсто од светската популација.
Шефот на СЗО ја повторува таа порака со месеци и бара слични суми за надминување на нееднаквоста во временски период од најмалку половина година.
Тој го повтори барањето до шефовите на државите и владите на Г20 кои треба да се сретнат овој викенд во Рим, и ги повика целосно да ја финансираат новата стратегија претставена денес.