– Во јануари изјавив дека светот е на работ на катастрофален морален неуспех ако не се преземат итни мерки за да се обезбеди правична распределба на вакцините против коронавирусот. Имаме средства да го избегнеме тој неуспех, но шокантно е колку малку е направено за да се спречи тоа, нагласи Гебрејесус на прес-конференција.

Според него, јазот помеѓу бројот на вакцини испратени во богатите земји и бројот на вакцини преку механизмот Ковакс се зголемува и секој ден станува се повеќе „гротескно“.

Меѓународниот механизам Ковакс, основан од СЗО, има за цел оваа години да обезбеди дози за 20 проценти од населението во речиси 200 земји и територии низ светот, а вклучува механизам за финансирање на 92 загрозени земји.

– Земјите кои моментно вакцинираат помлади, здрави, ниско ризични луѓе против Ковид-19, го прават тоа на штета на животот на здравствените работници, возрасните лица и другите ризични групи во останатите земји. Сиромашните земји се прашуваат дали богатите земји навистина го мислат она што го зборуваат кога се однесува за солидарност. Неправедната дистрибуцијата на вакцините не е само морален гнев, туку е и економски и епидемиолошки самоуништувачка, истакна шефот на СЗО.

Според него, некои земји се натпреваруваат да го вакцинираат целото свое население, додека други држави немаат ништо.

– Тоа може да овозможи краткорочна безбедност, но тоа е лажно чувство на безбедност, додаде Гебрејесус.