Талибанската влада во Авганистан ги отфрли барањата на Советот за безбедност на ОН за укинување на строгите ограничувања воведени за авганистанските жени, посочувајќи ја како „неоснована“ загриженоста на светската организација.
Советот за безбедност на ОН во вторникот едногласно усвои резолуција со која се критикуваат талибанците за воведените ограничувања на слободата на движење на девојчињата и жените како и нивен пристап до образовните установи и јавните места, мерки што беа воведени минатата година откако САД и сојузниците се повлекоа од Авганистан. Врховниот водач на Авганистан, Хибатула Ахунџада, нареди и задолжително покривање на лицата на жените на јавни места, што наиде на осуда кај меѓународната заедница.
Советот за безбедност ги повикаа Талибанците „неодложно да ги напуштат политиките и практиките со кои се ограничуваат човековите права и основните слободи на авганистанските жени и девојки“. Истовремено се бара и отворање на училиштата за женските деца.
Авганистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека Владата во Кабул ги смета забелешките на Советот за безбедност како „неоснована ангажираност“ по однос правата на жените во Авганистан.
– Бидејќи жителите на Авганистан се главно муслимани, авганистанската Влада верува дека носењето исламски хиџаб е согласно верските и културните практики во општеството, се посочува во соопштението на МНР во Кабул.
Талибанците практикуваат шеријатска доктрина во толкувањето на исламот со строги и репресивни религиозни норми.