Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска на седница на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието најави отворање на две нови полициски станици – една во општина Сарај и една во општина Илинден.
Покрај тоа, министерот најави и реорганизација на постојните полициски станици во Скопје.
– ПС Бит Пазар ќе се преименува во Полициска станица Чаир, додека сегашната ПС Чаир, која реално се наоѓа на подрачјето на Бутел, ќе добие ново име – ПС Бутел, информираше Тошковски.
Изјавите беа дадени во рамки на денешната расправа во Собранието, каде што Тошковски го образложуваше Предлог-законот за внатрешни работи, како и измените и дополнувањата на Законот за полиција.
Според него, новите станици и преименувањата се дел од поширок процес на рационализација и територијално приспособување на полициските служби кон реалните потреби на граѓаните.