-За жал состојбата не е добро. Можам да кажам дека во дадени сегменти можеме да ја окарактеризираме како проблематична од проста причина што капацитетите на државата се многу мали. Ние го напуштивме тоа државно производство на храна, така што капацитетите мораме да ги бараме кај земјоделците и проблемот не е кај земјоделците да произведат храна, туку треба да им се овозможи услови за истата да биде произведена, откупена по реални цени и соодветно пласирани, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов во гостување во Утрински брифинг на Слободна ТВ.
Трајанов истакна дека земјоделците ги немаат добиено субвенциите уште од 2018, 2019 и 2020 година, укажувајќи дека субвенциите за тутунот се исплаќаат календарски уште во март месец, но не се исплатени бидејќи како што рече тој смета дека нема доволно пари во буџетот.
-Во кризна година 2022 година знаеме дека кризата започна уште во 2021 година и знаевме што ќе се случува и во светот и во државата, ние имаме ситуација на неисплатени субвенции, дури тоа што земјоделците го имаат сработено, државата донела закон дека ќе им исплати, не им го исплатила, тука се тутунарите и многу други останати гранки. Тука се и заостанати субвенции од претходна година од 2018, 2019, 2020 година каде што имаме неисплатени субвенции во некои сектори. Тоа се проблеми што реално можеше државата да го направи да ги исплати субвенциите, да дојдат парите кај земјоделците, затоа што на земјоделците им требаат пари, рече тој.
-Субвенциите за тутун требаше да бидат исплатени согласно календарот за исплата на субвенции уште во март. Зошто тоа не е направено треба да одговори власта, наша перцепција е дека нема пари во буџетот и едноставно со законски регулативи тоа се пролонгира или се бара алиби, смета Трајанов.
-Во однос на авансното плаќање на субвенциите мораме да бидеме до крај чесни, законот не се однесува на сите земјоделски производи, туку само на земјоделските површини каде што субвенциите се исплаќаат по површина, затоа што таму имате предвидливост, кажа Трајанов.
Во однос на најавите дека се очекуваат ценовни шокови и вртоглав раст на цените на прехранбените производи, Трајанов потенцираше дека тоа најмногу ќе удри врз сиромашните граѓани, како и дека државата до сега не реагирала соодветно за регулирање на цените на прехранбените производи.
-Очекувам да се случи пазарен шок од проста причина затоа што досегашното искуство со регулирање на цените покажа дека владата не се снајде со проблематиката, ги замрзна цените на основните производи, сега тој рок поминува и најавите се дека ќе остави пазарот слободно да си го направи своето. Ако владата во оваа ситуација не најдеме механизми да интервенира на пазарот преку државни резерви, преку соодветни политики, преку понуда на производи ние може да очекуваме ценовни шокови и тоа ќе удри најмногу врз сиромашните затоа што цените на храната вртоглаво ќе растат, истакна тој.