Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека повеќето сојузници на НАТО ги информирале Соединетите држави дека не сакаат да се приклучат на нивната воена операција против Иран, што тој го опиша како „многу глупава грешка“.
Зборувајќи на настан во Овалната соба, Трамп рече дека земјите од НАТО ја поддржуваат војната на САД и Израел против Иран, која влезе во третата седмица, иако не сакаат да се вклучат.
„Мислам дека НАТО прави многу глупава грешка“, рече Трамп.
„Сите се согласуваат со нас, на сакаат да помогнат. И ние, знаете, ние како Соединетите држави мора да го запомниме тоа бидејќи го сметаме за доста шокантно“, додаде американскиот претседател.
Трамп ги повика земјите сојузнички од НАТО да помогнат во контролирањето на Ормутскиот теснец откако Иран одговори на американско-иранските напади со одмазднички удари со беспилотни летала и ракети и, според тврдењето на Вашингтон, со наводно поставување мини, ефективно блокиајќи го каналот за танкери.
Меѓутоа, последните два дена повеќе десетици бродови кои не се поврзани со САД, Израел, западноевропските земји и нивните сојузници кои имаат некакво учество во нападите врз Иран, го препловија исклучително важниот пат за енергенси во договор со Техеран.
Неколку сојузници на САД изјавија во понеделникот дека немаат непосредни планови да испратат бродови за да помогнат во деблокирањето на теснецот, отфрлајќи го повикот на Трамп за воена поддршка.
Претходно во вторникот, Трамп напиша на социјалната мрежа Truth:
„Поради фактот што постигнавме таков воен успех, повеќе не ни е потребна, ниту сакаме помош од земјите од НАТО – НИКОГАШ НИТУ НИ БЕШЕ ПОТРЕБНА!“. Потоа посебно ги издвои Јапонија, Австралија и Јужна Кореја.
Извор: Нетпрес
