Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Соединетите Американски Држави ќе уништуваат по еден мост или електрана секогаш кога Иран ќе нападне брод во Ормускиот теснец. Изјавата доаѓа во услови на натамошна ескалација на конфликтот меѓу двете земји и растечка загриженост за последиците врз глобалната економија.
Новата закана за напади врз цивилна инфраструктура се појавува во период кога војната дополнително се интензивира, што го зголемува ризикот од нарушувања на светските пазари и нов раст на цените на горивата пред претстојните меѓуизбори во САД.
Според Асошиетед прес, Вашингтон и Техеран остануваат цврсти на своите позиции во спорот околу Ормускиот теснец – еден од најважните светски поморски правци за транспорт на енергенси, кој и натаму е во голема мера затворен поради иранските напади.
Во текот на ноќта кон средата, американските сили извршија нов бран воздушни напади врз Иран, при што иранската противвоздушна одбрана дејствуваше над Техеран.
Во исто време, Иран лансираше ракетен напад врз јордански град во близина на границата со Израел, а предупредувања за опасност беа издадени и во Бахреин и Саудиска Арабија.
По прекинот на преговорите, двете страни се обидуваат да обезбедат предност со таргетирање на цивилна инфраструктура. Иран, според информациите, нападнал енергетски објекти и постројки за десалинизација во соседните земји од Персискиот Залив.
Меѓународното право, генерално, ги забранува нападите врз цивилни објекти, освен во случаи кога тие се користат за воени цели.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги осуди овие дејствија, оценувајќи дека ваквите напади се „неприфатливи“.
