Ударот поврзан со пораките од САД, закани за дополнителни напади
Нападот врз иранското гасно поле Јужен Парс, според израелски медиуми, бил дел од поширока стратегија со која се испраќа јасна порака до Техеран во услови на зголемени регионални тензии. Канал 12 објави дека акцијата била координирана со САД и имала за цел да изврши притисок поврзан со состојбата во Ормускиот теснец.
„Израел оперативно помогна да се испрати американската порака. Или Ормускиот теснец ќе биде отворен и Иран ќе ги отстранат морските мини, или целиот објект ќе биде уништен, како и другите енергетски објекти“, изјави неименуван висок израелски функционер за телевизијата.
Нападот бил изведен во текот на денот, при што биле погодени објекти во Специјалната економска енергетска зона Јужен Парс, јави иранската агенција Тасним. Израелски извор потврдил дека целта била гасната инфраструктура на југот од земјата, вклучително и најголемата фабрика за преработка на гас во покраината Бушер.
Регионални реакции и зголемени безбедносни ризици
Јужен Парс важи за најголемо гасно наоѓалиште во светот и обезбедува околу 70 проценти од природниот гас за Иран. Ова поле го дели со Катар, а неговиот развој започнал уште во доцните 1990-ти.
По нападот, Техеран најави одмазда. Во исто време, Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала и уништила беспилотно летало кое се обидело да се приближи до гасен објект во источниот дел од земјата, без да има последици.
Паралелно, катарската компанија QatarEnergy информираше дека индустрискиот комплекс Рас Лафан, најголем центар за производство на течен природен гас, бил цел на ракетни напади.
Министерството за внатрешни работи на Катар претходно пријави пожар во областа, посочувајќи дека инцидентот следел по „ирански напад“. Од компанијата наведоа дека службите за итни случаи веднаш интервенирале за да ги стават пожарите под контрола.
