Веќе трета година по ред, медиумите во Грција, 23 јули го посветуваат на трагедијата во Мати, но жителите на населбите зафатени од пожарот, секојдневно ја живеат нивната голгота, обидувајќи се одново да ги изградат нивните домови, да продолжат да живеат без нивните најблиски кои беа меѓу жртвите.
Неколку приморски населби во општина Рафина, во источниот дел на областа Атика, беа зафатени од пожарите, а над 20 лица изгореа живи откако не успеаја да најдат излез за да стигнат во морето, откако буквално се заглавија во тесните улички, а голем дел од граѓаните спасот го бараа во морето.
Траекти кои од островите се враќаа кон пристаништето во Рафина, спасуваа луѓе од морето, рибари со рибарски чамци излегоа да помогнат, а кусо пред полноќ, во новинарските кругови веќе се ширеа информации дека не само што има загинати, туку од минута во минута се зголемува нивниот број.
Три години подоцна, остануваат неодговорени многу прашања околу причините за трагедијата и планот за справување со пожарот, прашања што ги поставуваат, не само оние кои загубија членови од семејството, туку и јавноста.
Весникот „Катимерини“, лани во текстот „Криминал и прикривање“, опширно преку судски документи и сведоштва пишуваше дека „две години некои се обидуваат да постават пречки во судскиот процес со единствена цел да се скријат дела и пропусти што доведоа до трагедијата.
Паралелно, објави дијалози меѓу тогашниот началник на Противпожарната служба на Грција, кој од вештакот од неговата служба, одреден да истражи што се случуваше за време на пожарите, бара да прикрие одговорност, по наредба од министерката.
Три години подоцна, судскиот процес е сѐ уште во тек.