Јавна дистинкција меѓу работници и манипулатори

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, во гостување во „Наткаст“ на КУРИР со Љупчо Цветановски порача дека Владата е решена да воведе ред и да постави јавна разлика меѓу оние кои искрено работат и произведуваат и оние кои манипулираат.

Тој исто така се осврна на однесувањето на опозицијата, која според него долго време шири дезинформации поврзани со субвенциите во земјоделството, свесно предизвикувајќи паника и страв кај земјоделците.

„Во делот на исплатата на субвенции, нивниот лидер кој што сега очигледно не го спремиле добро за медиумските настапи и мислам дека премногу несериозно е да го пуштаат низ вода, меѓутоа тоа си е нивна работа. Да беа крајно коректни и да беа насочени на економско односно домаќинско управување со државните пари, ние денеска нема да имаме потреба толку да исплаќаме субвенции од претходни години кои што сме ги наследиле. Туку ќе одевме процесот да го продолжиме во еден континуитет.“

Исплатата на заостанати субвенции

Трипуновски потсети дека во 2024-та година, со промената на власта, ребалансот на буџетот и дополнителната пренамена на средства во декември, беа обезбедени над 37 милиони евра дополнителни средства во тековната програма за исплата на заостанати обврски.

„Тоа продолживме да го правиме и во 2025-та година и во 2026-та имаме уште ставки од претходни години каде исплаќаме заостанати обврски. Паралелно го движиме тековното исплаќање на субвенциите. Владата предводена од премиерот Мицкоски и министерството, овие две години покажа дека навистина сакаме да го враќаме земјоделскиот процес, во однос на тоа како било во минатото, односно да имаме зголемена продукција. Така ќе продолжиме и во наредниот период.“

Министерот истакна дека застој во исплатата на субвенциите нема, ниту ќе има во наредниот период, додавајќи дека процесот на исплата ќе продолжи континуирано за сите земјоделци.