„Гласот што го слушаме – македонско најдобро“ стартува со посети во над 150 населени места
Министерството за земјоделство започнува кампања со директни средби со земјоделците, со цел подобра комуникација и увид во реалните проблеми на терен. Активностите ќе се одвиваат низ повеќе општини и населени места, а во нив ќе учествуваат и раководни лица од институцијата.
Министерот Цветан Трипуновски, во гостување на Алсат телевизија, нагласи дека непосредниот контакт со земјоделците е клучен за креирање реални политики.
„Ресорот земјоделство неминовно мора да има постојана и директна комуникација со земјоделците. Тоа значи разговор за актуелните состојби и реалните предизвици со кои тие се соочуваат“, истакна министерот.
Тој додаде дека институцијата не треба да функционира изолирано, туку преку дијалог да ги објаснува мерките и да ги слуша потребите на земјоделците.
„Министерството не може да се затвори во канцеларии и само да креира политики. Напротив, преку непосреден дијалог ќе дадеме отчет за сработеното, ќе ги појасниме актуелните мерки, како што е Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, но и ќе ги сослушаме земјоделците“, додаде тој.
Тимови на терен низ целата држава
Во рамки на кампањата се формирани два поголеми тима кои ќе посетат над 30 општини. Дополнително, шест помали тимови ќе опфатат повеќе од 120 населени места.
Еден од тимовите ќе го предводи и самиот министер, кој најави активно учество во теренските средби.
Кампањата започнува утре со првата трибина во општина Босилово. Настанот ќе се одржи во Домот на културата со почеток во 18 часот.
