Во Косово изминатите 24 часа е забележана троцифрена бројка новозаболени од Ковид-19, што е прв пат по повеќе од три месеци во кои бројките беа едно или двоцифрени, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешниот редовен извештај на Министерството за здравство на Косово, изминатите 24 часа се евидентирани 108 нови случаи на заразени, од вкупно 6.169 тестирани лица.

Последен пат над сто заразени со коронаврусот беа евидентирани на крајот од септември 2021 година, а од тогаш наваму имаше по помалку од десет – во некои денови, нарочито кон крајот на минатиот ноември, по два или три – до нешто повеќе од дваесет нови случаи, со тоа што дневно беа вршени по 1.500 до две илјади тестирања, а во првите денови на годинава и по над три илјади.

И бројот на жртви на пандемијата останува доста низок, споредено со земјите од регионот и пошироко, така што, според официјалните статистики, во изминатите пет недели, односно во текот на цел декември и во првите денови од оваа година, вкупно се регистрирани седум починати како последица на пандемијата.

Вклучително последните случаи, бројот на активни заболени од Ковид-19 во Косово изнесува 637.

Од вчера во Косово е во сила владината одлука, донесена на 1 декември 2021, со која во земјата може да се влезе единствено со потврда за целосно вакцинирање, односно за примени две антиковид вакцини.

Лицата кои имаат примено само една вакцина ќе можат да ја примат втората доза при влез во земјата, и тоа на приштинскиот аеродром „Адем Јашари“, или на граничните премини Блаце – Генерал Јанковиќ (со Македонија), Врмица (со Албанија) и Мердаре и Бела Земја (со Србија).

Останатите антиковид мерки остануваат непроменети, така што, меѓу другото, и натаму е во сила забраната за движење од полноќ до пет часот наутро, а уготителските објекти можт да работат до 23 часот, со тоа што музиката во живо е дозволена до 21.30.