Педесет и тригодишен битолчанец е лишен од слобода откако, според пријава, со закана со секира одзел пари од вработена во казино во Битола. Станува збор за С.Р. од Битола. Тој бил уапсен синоќа во 19:40 часот од полициски службеници на СВР Битола во казино на улицата „Филип Втори Македонски“.
Претходно, околу 18:30 часот, во полицијата била пријавена разбојничка кражба во казино лоцирано на улицата „Маршал Тито“ во Битола. Според пријавата, едно лице со закана со секира одзел пари околу 8.600 денари од вработената. Потоа, тоа лице побегнало од местото на настанот.
Веднаш по добиената пријава, полициските службеници презеле соодветни мерки и активности, по што сторителот бил лоциран и лишен од слобода. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
