Убедлива победа на поранешниот претседател Доналд Трамп на првите внатрепартиски републикански избори во Ајова. Со рекордни 51 процент освоени гласови, Трамп, ги остави далеку зад себе партиските противкандидати, гувернерот на Флорида, Десантис и поранешната амбасадорка во Обединетите нации, Хејли.
Трамп, водејќи специфична кампања, не учествувајќи во дебатни емисии, но секогаш во непосредна близина на граѓаните, со ненајавени посети на ресторани, локални бизниси, успеа да ги убеди жителите на Ајова и покрај арктичкиот суд, да излезат на гласањето и да го поддржат. Во својот победнички говор, не заборави да упати критика кон неговиот лут ривал, актуелниот претседател Бајден.
„И ќе мораме да депортираме. Ќе мора да имаме ниво на депортација што не сме го виделе во оваа земја долго време, затоа не сакам да бидам претерано груб со претседателот. Но, морам да кажам дека тој е најлошиот претседател што сме го имале во историјата на нашата земја. Тој ја уништува нашата земја“, нагласи Трамп.
Конзервативниот гувернер Десантис, познат по шокантните ставови за имиграцијата или абортусот, заврши втор на листата со освоени 21 насто од гласовите. Ники Хејли, единствената жена во републиканската трка е трета со 19 проценти. Откако заврши последен, милијардерот Вивек Рамасвами, веднаш објави оти ја повлекува кандидатурата, давајќи му поддршка на Трамп. По изборите во Ајова, и гувернерот Десантис со триумфален говор пред поддржувачите.
„Луѓето сакаат да имаат надеж за иднината на оваа земја. И тоа е она што ние го претставуваме. Претставуваме шанса да го смениме лудилото што го видовме во оваа земја, да го вратиме падот на оваа земја и да и дадеме на оваа земја ново раѓање на слобода и враќање на здравиот разум. И на тоа ќе одиме“, нагласи Десантис.
Американската сојузна држава Ајова се смета важна за републиканската политичка сцена, и доколку Трамп не ја освоеше ќе значеше ризик за неговиот имиџ на непобедливост. Но, следната станица на републиканските кандидати е Њу Хемпшир, која важи за независна, со помалку конзервативно население. Доколку Трамп победи на внатрепартиските избори тој, на претседателските избори во ноември годинава, повторно ќе излезе на дуел со демократскиот кандидат, претседателот Бајден.
Извор: МРТ