Учениците од македонските паралелки од тетовската гимназија и од средното економско училиште денес излегоа на предупредувачки протест и побараа доследно почитување на ковид мерките во јавниот превоз на учениците до и од училиштата. Велат автобусите и комбињата се преполни и ни од далеку не се почитуваат препораките за ограничен број на патници во средствата за јавен превоз. Загрижени за здравствената состојба, тетовските гимназијалци побараа повторно да се воведе онлајн настава. Ваквата загриженост на учениците доаѓа откако неодамна од последиците од ковид-19 почина 16-годишна ученичка од економското училиште во Тетово.

-Интересите на учениците од економското училиште и од гимназијата не се исти, но проблематиката е иста и се работи за проблемите со заразата со ковид-19. Гимназијалците бараат наставата да биде онлајн, додека ние од економското училиште бараме да се регулира сообраќајот, односно превозот на учениците кои не живеат во градот до нивните училишта. Сведоци сме дека едно комби возило или автобус, кои превезуваат ученици, наместо половина од капацитетот на седиштата, земаат многу поголем број, па често и многу повеќе патници односно ученици отколку што му е капацитетот на возилото. Со тоа превозниците учениците ги ставаат учениците во голема опасност, а најсвеж пример е нашата соученичка која неодамна почина. Таа секој ден патуваше од село до училиштето во Тетово. Исто така, бараме и да се зголеми хигиената во училиштето и да има сапуни за миење на рацете и повеќе дезинфектори во училниците, сите и учениците и професорите да одат со заштитни маски. Овие наши барања ќе ги доставиме до Општината и до директорката на нашето училиште за да се преземат соодветни мерки. Ние од економското училиште мислиме дека наставата не мора да биде онлајн, вели Елена Кузмановска, ученичка од средното економско училиште „8 Септември“ во Тетово.

За овој проблем разговарале и нивните родители на состанокот кој вчера го одржале и им дале целосна поддршка на учениците.

-Учениците од трета и четврта година протестираат поради проблемите што ги имаат со превозот, посебно оние ученици кои доаѓаат од селата и мора да користат јавен превоз. Автобусите со кои патуваат учениците секогаш се преполни без ни најмалку да се почитуваат ковид мерките, а надлежните инспекции никаде ги нема да вршат контрола. Исто така, побарано е еден месец или два, додека трае овој пик на заразата, наставата во гимназијата да се одвива онлајн сè додека не се создадат услови за физичко присуство на наставата. Се договоривме од понеделник учениците да ја продолжат наставата со физичко присуство и ако не се усвои барем едно од барањата, од наредната недела повторно ќе продолжи со протести, рече Синиша Стефановски, претставник од родителите на учениците.

Од Општина Тетово, која е задолжена за превозот на учениците, велат дека не се запознаени со проблемот бидејќи никој досега не контактирал со нив, но ги повикуваат засегнатите ученици или нивните претставници да дојдат во Општината и да го изнесат проблемот.