Завршен е проектот за партерно уредување на Градскиот пазар во Виница, со вкупна проектна вредност од 8.726.582 денари, кој се реализираше преку Министерството за транспорт.
Со проектот е целосно уреден просторот околу новиот Градски пазар, со што се создадени значително подобри услови за работа на продавачите, како и попријатна и побезбедна средина за купувачите и граѓаните кои секојдневно го посетуваат пазарот.
Градежните и теренските активности опфатија демонтажа на старата ограда и дотраените подни површини, поставување нова метална ограда и хидроизолациона подна обработка, како и нови челични продажни пултови – тезги. Потпорните ѕидови се обложени со декоративен камен, а поставени се и нови клупи за седење.
Овој проект претставува директно продолжение на инвестицијата во новиот затворен Градски пазар во Виница, кој се простира на вкупна површина од 1.810 квадратни метри и располага со 87 тезги, дуќани за продажба на различни производи, административна просторија и санитарни јазли.
Со завршувањето на партерното уредување, пазарниот комплекс добива целосно уреден надворешен простор, комплетно прилагоден на потребите на продавачите и посетителите.
