Уставниот суд попладнево соопшти дека го добил мислењето од Венецијанската Комисија во врска со предметите во коишто се оспорени одредби од Законот за употреба на јазиците.

Во воведот од Заедничко мислење amicus curiae на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство за меѓународните и европските стандарди за употребата на малцинските јазици во јавниот живот и во судските постапки се наведува дека „со допис од 20 ноември 2024 година, претседателот на Уставниот суд на Македонија побара мислење amicus curiae од Венецијанската комисија во контекст на предмет што е во постапка пред Судот, а што се однесува на уставноста на Законот за употреба на јазиците, што Собранието го усвоило во март 2018 година.

-Уставниот суд побара Венецијанската комисија да одговори на следниве прашања:

1. Кои се меѓународните и европските стандарди за употреба на
малцинските јазици во јавниот живот, односно во државните органи и јавните
институции:
• На централно ниво (особено во однос на критериумите за употреба на
јазиците на малцинствата на целата територија на државата);
• На локално ниво (во единиците на локалната самоуправа).

2. Кои се меѓународните и европските стандарди за употреба на јазиците во постапките пред судовите и во судството воопшто?

3. Во согласност со сопствената пракса, Венецијанската комисија одлучи да го  подготви ова мислење заедно со Генералниот директорат за демократија и  човечко достоинство („DGII“).

4. Во својство на известители за мислењето се г-а Вероника Билкова, г. Мартин  Кујер, г. Јан Веларс и г. Матија Зеба (експерт при „DGII“).

5. Ова заедничко мислење amicus curiae е подготвено врз основа на коментарите  на известителите. На 13 март 2025 година, Поткомисијата за основни права,  недискриминација и заштита на националните малцинства на состанок го разгледа
нацртот на мислењето amicus curiae. Венецијанската комисија го усвои на 142  Пленарна седница (Венеција, 14-15 март 2025 година), стои во Заедничкото мислење од Венецијанската комисија и Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство (DGII)  при Советот на Европа.

Во дописот од Венецијанската комисина стои дека на барање на Уставниот суд, а во врска со предметите во коишто се оспорени одредби од Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија и Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство обезбедија „amicus curiae”, односно т.н. пријателско мислење. Овој документ го објавуваме во целост, оригиналниот документ на англиски јазик, заедно со преводите на македонски и на албански јазик.

Во продолжение се заклучоците на Венецијанската коимисија и -48. Со допис од 20 ноември 2024 година, Претседателот на Уставниот суд на  Македонија побара мислење amicus curiae за две прашања што се  однесуваат на европските и меѓународните стандарди за употребата на  малцинските јазици во јавниот живот и во судските постапки. Имајќи предвид дека  поставените прашања се разгледуваат во апстрактна форма, заедничкото  мислење amicus curiae не е насочено кон особеностите на Македонија,  туку ги презентира стандардите на општ начин. Бидејќи барањето се однесува на
„меѓународни и европски стандарди“ (поим што не се ограничува единствено на правно обврзувачки стандарди, ниту на стандарди што се обврзувачки за Македонија), ова заедничко мислење amicus curiae нема да се фокусира на особеностите за Македонија, туку ќе ги презентира стандардите во општ контекст.

Во одговор на прашањата што ги постави Уставниот суд на  Македонија, Венецијанската комисија и „DGII“ дојдоа до следниве заклучоци:

49. Европските и меѓународните стандарди коишто беа разгледани треба да се  сметаат за „минимални стандарди“. Покрај тоа, овие стандарди не се само јасно утврдување на јазичните право со законски норми, туку и дека мора да се гарантира конзистентна имплементација на законот во пракса преку обезбедување на неопходните средства. Соодветното спроведување на законите е суштински аспект на владеењето на правото. Државите се должни да ги сносат последиците од нивните избори во однос на политиките за малцинските јазици, ако се има предвид дека им е препуштена слобода на одлучување.

50. Венецијанската комисија и „DGII“ сакаат да потенцираат дека државите мора да применуваат објективни критериуми и да го почитуваат начелото на недискриминација, а воедно и да обезбедат консултации со малцинските групи.

Иако со Рамковната конвенција се поттикнуваат мерките што треба да се преземат на локално ниво во однос на комуникацијата со употреба на малцински јазик со административните органи, со Повелбата на државите им се овозможува да изберат различни нивоа на дополнителни обврски, земајќи ги предвид големите разлики во фактичката состојба на регионалните или малцинските јазици. Во секој случај, ова треба да се проследи со обврска да се обезбедат соодветни ресурси, а и да се преземат соодветни административни мерки за да се овозможи ефективна примена.

51. Венецијанската комисија и „DGII“ сметаат дека е тешко да се даде исцрпна листа на европските и меѓународните стандарди коишто се применуваат при употребата на малцинските јазици во јавниот живот, ако се земат предвид
различните ситуации што произлегуваат од состојбата на ратификација на соодветните инструменти, како и врз основа на слободата на проценка што им се препушта на државите преку пристапот „à la carte“, со кој им се овозможува да ги
земат предвид особеностите на нивната фактичка состојба, во соопствените правни системи. Венецијанската комисија и „DGII“ сметаат дека очекувањата разумно можат да бидат повисоки во однос на употребата на малцински јазик при
комуникација со властите на локално ниво (во област каде што бројот на жители што го употребуваат тој малцински јазик оправдува преземање мерки), имајќи предвид дека тоа се јавните власти најблиски до граѓаните. Слично на тоа, треба
да се направи разлика помеѓу комуникацијата на јавните власти во поединечни предмети и комуникацијата на јавните власти во однос на општо применливи текстови и формулари. Кај последната категорија, од властите може „разумно“ да
се очекува да преземат повеќе мерки. Исто така, треба да се разграничи правото на лице што зборува малцински јазик да доставува информации до властите на тој јазик (што претставува помало оптоварување) и обврската на властите да
одговорат на тој јазик (што претставува поголемо оптоварување).

52. Венецијанската комисија и „DGII“ заклучуваат дека државите мора да ги преземат сите неопходни мерки за да обезбедат целосна примена на правата што се однесуваат на малцинските јазици во судскиот систем и да обезбедат гаранции
за правично судење, вклучително и во фаза на истражна и предистражна постапка, пред сè во контекст на кривичните постапки. Обврските што се однесуваат на кривичните постапки, чија цел е да се гарантира правото на правично судење на обвинетите, претставуваат основно јадро на регулативата за употребата на малцинските јазици во судството. Сепак, овие се минимални стандарди, а државите ништо не ги спречува да гарантираат пошироки јазични права во судските постапки, под услов тоа да не го попречува правилното спроведување на правдата. Доколку се направи таков избор, уште поважно е да се
обезбедат доволно финансиски средства, со што ќе се овозможи имплементација на законските одредби.

53. Венецијанската комисија и „DGII“ му остануваат на располагање на Уставниот суд на Македонија за понатамошна помош по ова прашање, стои во заклучоците.

Целосното мислење на Венецијанската комисија во оригиналниот документ на англиски јазик, заедно со преводите на македонски и на албански јазик се достапни на следните линкови:

https://ustavensud.mk/wp-content/uploads/2026/03/Amicus-Curiae-brief%D0%95N.pdf

https://ustavensud.mk/wp-content/uploads/2026/03/Amicus-Curiae-mk.pdf

https://ustavensud.mk/wp-content/uploads/2026/03/Amicus-currae-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B2%D0%BE%D0%B4-alb.pdf

Извор: Курир