Утре во 12 часот ќе продолжи седницата за избор на новата Влада. Собранието ја започна расправата за изборот на новата Влада по експозето на мандатарот Димитар Ковачевски, кој рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој додаде дека не се потребни нови избори, а најави зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата и реформи во образованието. Во однос на спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваше дека станува збор за Влада која ќе ги продолжи политиките на досегашниот премиер Зоран Заев и дека не може да понуди нови перспективи и реформи. Тие предупредија за можно предавство во преговорите со Бугарија. Опозициските пратеници рекоа дека излез од ситуацијата се брзи предвремени парламентарни избори.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во своето излагање рече дека оваа Влада е во тешка легитимациска криза. Таа посочи дека оваа Влада не може да наследи легитимет од претходна бидејќи, бидејќи, како што рече, премиерот и претседател на СДСМ не заминал од функцијата заради нова функција или болест, туку зарди одговорност.

„Се прашувам што мислат граѓаните за учество на Алтернатива во Владата. Исто така, министрите кои беа носители на кандидатските листи ги нема. Се повикувате на НАТО, но ја нема министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која беше персонификација на НАТО, не знам дали е разрешена или е од лични причини“, рече Силјановска.

Пратениците на владејачката СДСМ зборуваа дека политиките на досегашната Влада биле правилни и добри во време на пандемија и еконмска криза.

Пратениците од Алијанса за Албанците критикуваат дека изборот на министри на Ковачевски е многу лош, а дека за нив зборувале бројните афери.

Од ДУИ рекоа дека резултатите на локалните избори бил тест за министрите од оваа партија, за што, според нив, говореле резултатите во нивна корист.

Собранието утре ќе ја продолжи седницата на која се дебатира за новата Влада, а за која пратениците ќе гласаат најдоцна до полноќ.

За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас, а доколку биде изгласана Владата на Ковачевски, ќе биде единаесеттата од прогласувањето на независноста на државата во 1991 година.

Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ откако претходниот претседател на партијата Зоран Заев поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Заев тогаш истовремено даде оставка и од премиерската функција.

Ковачевски го доби мандатот за составување на новата Влада од претседателот Стево Пендаровски. Новата владина коалиција е составена од СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ и ДПА, а потоа се приклучи Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата.