600 граѓани кои сакаат да вложат 14 милиони евра е последната официјална бројка на пријавени во банките, за новата граѓанска обврзница. Иако овој податок е заклучно со вчерашниот ден, интересот на граѓаните ги надмина 10-те милиони евра, кои Министерството за финансии планираше да ги собере од овој инструмент за задолжување, објави ТВ24.

Пријавувањето траеше до 14 часот денеска, а од финансии финалните бројки ќе ги знаат дури утре, кога ќе се одржи првата аукција. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека износнот на обврзницата ќе биде онолку, колку што ќе има интерес кај граѓаните, кои, според него, ќе имаат поголем бенефит од овој нов инструмент, отколку државата.

Вредноста на една обврзница е десет илади денари, а граѓаните избираат колку ќе купат. Првата камата од 5 % сопствениците ќе ја добијат во јули 2024, а втората, една година подоцна. Тогаш ќе им се врати и вложениот износ. Сепак, парите можат да се извадат и пред истекот на двегодишниот период, преку продажба на обврзниците.

Со новата обврзница, Бесими очекува да се намали кешот од „под перница“, што ќе ја намали сивата, а ќе ја раздвижи формалната економија. Двојно повисоката камата од банките ја правда со инфлацијата, па граѓаните преку обррзницата можат да ја вратат вредноста на парите која инфлацијата ја јаде. Сепак, вели дека обврзницата нема да ги поремети банките со непланирано вадење на депозитите.

Од граѓанската обврзница ќе се офајдат и банките. Од сите трансакции поврзани со обврзницата ќе наплаќаат провизии, кои во последниот период значајно поскапеа.