Пратеничката побара од министерот за детали околу електронската архива

Иванка Василевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, денеска на седницата за пратенички прашања постави две значајни прашања до министерот за дигитална трансформација.

Таа истакна дека Владата планира Јавното обвинителство да го преземе државниот систем за управување со документи и електронската архива, со цел да се зголеми транспарентноста и да се намалат можностите за корупција и одолговлекување на предметите.

Василевска додаде дека воведувањето на електронска архива и дигитално управување со предметите ќе донесе суштинска промена во функционирањето на институциите и крај на практиките на чување предмети во фиоки.

„Колку институции досега се вклучени во системот за електронско управување со документи ЕДМС и кој е конкретниот план и рок за неговото проширување на ниво на целата јавна администрација. Како е обезбедена безбедноста на системот, особено во контекст на сајбер заканите, заштитата на чувствителни податоци и континуитетот на работењето, имајќи ги предвид претходните предизвици со ИКТ системите во институциите“, праша Василевска.

Прашања за интеграција со ЕУ и роаминг „како дома“

Василевска потсети дека Европската комисија предложила отворање на преговори за воведување роаминг „како дома“ меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан. Таа оцени дека ова е важен чекор кон намалување на трошоците за граѓаните и стопанството.

„Во која фаза се наоѓа процесот на отворање и водење на преговорите за роаминг ‘како дома’, и кои се следните институционални чекори на ниво на ЕУ и на национално ниво. Кои законски и регулаторни усогласувања се веќе направени, особено во рамки на измените на Законот за електронски комуникации и дали тие се целосно усогласени со Европскиот кодекс за електронски комуникации и која е реалната временска рамка во која граѓаните на Македонија би можеле да ги почувствуваат придобивките од роаминг како дома во односите со земјите членки на ЕУ“, прецизираше Василевска.