Ова се последните пораки што по обновената блокада од Софија на европскиот пат на Скопје, ги упатија највисоките бугарски официјални претставници во контекст на прашањето со С Македонија.
Новиот бугарски премиер Кирил Петков, чиј прв чекор кон земјава беше потврдата на ветото за ЕУ, од Брисел вчера порача дека Софија треба да ја надгради својата позиција кон Скопје со работни групи, што не треба да биде политички чин, туку реален. Според премиерот на Бугарија, позицијата кон Северна Македонија е јасна и е втемелена во коалицискиот договор.

– Историјата е важна, но, не може да биде единствена тема во билатералните односи. Интересот на Бугарија мора да се заштити, но и да се надгради. Треба да разговараме за инфраструктурата, железничката пруга од Софија со Скопје мора конечно да се случи. Во економска смисла – добро е што македонските бизниси можат да продаваат на бугарскиот пазар и соодветно, бугарските бизниси да бидат на македонскиот пазар, изјави Петков.

Според него, сите на Балканот се заградени, поделени, а толку многу може да се добие од таков процес. Кирил Петков додаде дека сака да се сретне со идниот премиер на Република Северна Македонија по неговата инаугурација. Најави дека Бугарија ќе го разгледа и повторно ќе го поднесе Планот за закрепнување и развој до ЕК.

Претходно, претседателот на Бугарија Румен Радев за време на престојот во Брисел за европското електронско издание Еуроактив изјави дека Република Северна Македонија мора да го промени својот Устав. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Радев ова би бил чекор кон решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.

Според Радев, се смета дека Бугарија и Република Северна Македонија се во процес на повторно преговарање за Договорот за пријателство и добрососедство, но тоа не е така.

-Ние сме во процес на барање начин за подобро спроведување на овој договор. Договорите треба да се почитуваат. Ова е главен предуслов за да се биде член на ЕУ. Договорите на ЕУ мора да се почитуваат на ист начин, рече Радев.

Според него, најголемата грижа на Бугарија е што Република Северна Македонија не ги применува основните принципи и вредности на ЕУ, како што се човековите права и недискриминацијата.

-Пред четири години верувавме дека договорот ќе ги реши проблемите во билатералните односи, на ист начин како што тоа го правеше Договорот од Преспа, но денеска има заостанување по сите точки од него. Расте говорот на омраза против Бугарија, нема политичка волја за отстранување навредливи текстови во учебниците, нема политичка волја да се запре фалсификувањето и уништувањето на бугарското културно и историско наследство во овој дел од светот, вели Радев.

Во меѓувреме, во засебна изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, соседна Бугарија најавува дека нема да отстапи од своите барања.

Во документот приложен од страна на бугарската делегација во ЕУ, официјална Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ на 14 декември за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка“ не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на наведената рамка и одредувањето на датум за првата меѓувладина конференција меѓу РС Македонија и ЕУ.

Софија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со „инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот „Фундаменти“ (првиот кластер што се отвора во преговорите, нз) во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство.

Дополнително Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во С Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија, кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во С Македонија. Кога, и доколку, започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите.

Македонските власти сметаат дека рокот од шест месеци што го поставува Бугарија за решавање на спорните прашања за евентуално тргање на ветото за земјава и почеток на преговори за членство во ЕУ е предлог. Дополнително, посочуваат, не може да се вреднува дали одредена земја заслужува да биде дел од ЕУ само врз основа на успех или неуспех на историска комисија, туку врз основа на реалните критериуми според кои се почнуваат преговори и се влегува во Унијата.

–Историската комисија е важна, но не можеме да зборуваме за историја и само за историја, и низ успехот на таа историска комисија да вреднуваме дали некој заслужува да влезе во ЕУ. Оттука го поздравувам пристапот на новиот бугарски премиер Кирил Петков оти историјата не треба да биде единствен канал на комуникацијата меѓу Скопје и Софија, и очекувам што е можно поскоро, дали овој или другот месец, да влеземе во практична конкретна реализација на тој негов план, изјави претседателот Стево Пендаровски и додава дека треба да се разговара на повеќе полиња и за реалните критериуми според кои се почнуваат преговори и се влегува во ЕУ, оцени Пендаровски.

Во однос на рокот од шест месеци, што Петков го постави за решавање на прашањето со Скопје, Пендаровски вели оти тоа според него е предолг рок. – Тој рок е предолг според мене бидејќи овие разговори што ги имавме со Бугарија од 2017 од кога е потпишан билатералниот договор, до денес, а особено оваа година и пол, и не само во историската комисија и надвор од тоа, имавме само две заеднички сесии на двете влади во кои се правеше евалуација на постигнатото во тој договор. Значи, ние разговаравме за многу прашања и мислам нема некое прашање за кое би имало големо изненадување. Проблемот беше во тоа што Бугарија го наметна пристапот само ако историчарите во Комисијата кажат „бива“, тогаш ние може да почнеме преговори, рече Пендаровски.

Во интервју за ТВ 24, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, зборува за ветото на Бугарија и неговото влијание врз македонско-бугарското пријателство, но и врз внатрешната динамика на политичката сцена.

-Горчливо чувството се разбира кога ја прочитав изјавата што Бугарија ја даде во средата кон Советот за општи работи, кои што се усвоија во вторникот. Таа изјава е крајно разочарувачка, Бугарија поставува услови кои што се непроменети во основа, дури и за усвојување на преговарачката рамка, а вели дека усвојувањето на преговарачката рамка нема да значи автоматски одржување на Првата меѓувладина конференција. Повторно се споменува македонскиот јазик, црно на бело и со ова за жал, политиката на нашите комшии уште е низ призмата на „целосна победа – целосен пораз“, вели тој.

Димитров потенцира дека кога се работи за билатерален спор меѓу соседни држави, не може да се реши проблемот со формулата „победа – пораз.“ Тој смета дека е навредливо во 21-от век, друга држава нам да ни зборува за нашиот македонски јазик.

-Тоа е нецивилизирано, тоа е непристојно, па дури и безобразно. И не може македонскиот јазик да биде поинаку третиран од кој било друг европски јазик, од кој било друг јазик на континентот, објаснува Димитров.

На честите бугарски изјави, вклучително и на претседателот Радев кој вели „ние сме повеќе од пријатели, ние имаме многу специјални односи“ вицепремиерот реплицира: „Читајќи ја Изјавата на Бугарија, со вакви специјални односи нам не ни требаат непријатели. Парадокс е да се зборува за добрососедство и истовремено да мора да се објаснува македонскиот јазик, а ниту еден друг јазик во Европа не се објаснува во контекст на ЕУ – тоа не помага, има тука големо лицемерие“.