Илјадници луѓе се собраа во градовите низ Полска за да протестираат против строгите закони за абортус, а по смртта на бремена жена повторно започна јавна дебата за ова прашање во една од најрелигиозните католички земји во Европа. Демонстрантите со свеќи и транспаренти денеска маршираа низ десетици полски градови, меѓу кои и Пшчина во јужна Полска, каде што живееше бремена жена, која почина на 22 септември, пренесува Ројтерс.

Тие рекоа дека смртта на Изабела, 30-годишна жена која била бремена во 22-та недела кога била примена во болница во Пшчина, мал град во близина на Катовице, била резултат на одлука на Уставниот суд.

Нејзиниот фетус останал без плодова вода, а лекарите во болницата каде што била примена поради компликации одбиле да ја прекинат бременоста, додека фетусот, кој покажал бројни деформитети, имал отчукување на срцето, а жената подоцна починала од септичен шок, според изјавите на семејството.

Кога скенерот покажа дека е фетусот мртов, лекарите одлучија да направат царски рез, а адвокатот на семејството Јоланда Буджовска соопшти дека жената умрела на патот до операционата сала и покрај напорите да ја реанимираат.

Владата порача дека судската пресуда не може да биде причина за смртта на Изабела туку дека е во прашање лекарска грешка, а полскиот министер за здравство, Адам Њеџелски вети дека ќе даде насоки како би се разјаснило кога прекините на бременоста се дозволени.

Побарав од националниот советник за гинекологија и акушерство да издаде такви упатства што ќе бидат недвосмислени дека безбедноста на жената, во таков случај, е причина да се прекине бременоста, изјави тој за полското радио.

Полска донесе строг закон во 1993 година со кој се забранува абортусот, освен во три случаи: ако бременоста е резултат на инцест или силување, ако животот или здравјето на жената биле загрозени или ако фетусот има вродени деформитети, но Уставниот суд одлучил дека абортусот во случајот со деформитет на фетусот е неуставен, што предизвика речиси целосна забрана за абортуси и широки протести од јануари, кога стапи на сила одлуката.