Британскиот тешкаш Ентони Џошуа ја оствари една од најдраматичните победи во својата кариера. Откако во првата рунда се најде на работ на сензационален пораз и двапати заврши на подот, 36-годишниот боксер во втората рунда успеа со нокаут да го совлада албанскиот борец Кристијан Пренга на боксерската приредба во саудиска Џеда.
Повратничката борба започна со најлошото можно сценарио. Веќе по 20 секунди од мечот, аутсајдерот Пренга го погоди Џошуа со силен десен аперкат и го испрати во нокдаун. Иако Британецот стана со насмевка, Пренга, кој во борбата влезе со 20 нокаути од исто толку победи, повторно го потресе и со лев аперкат вторпат го собори на подот.
Сепак, во втората рунда Пренга неочекувано го намали темпото и се повлече наназад, што поранешниот светски шампион знаеше да го искористи. Го намами противникот да тргне во напад, а потоа пласираше разорен десен кроше кој го испрати 35-годишниот Албанец на подот, по што судијата ја прекина борбата и му ја донесе на Џошуа 30. победа во кариерата, од кои 27 со нокаут.
Со оваа победа официјално е отворен патот за мегаборбата против Тајсон Фјури. Договорите меѓу двајцата најдобри британски тешкаши веќе се потпишани, а мечот е планиран за ноември.
Highlights of Anthony Joshua’s epic comeback victory against Kristian Prenga in Jeddah 😤#JoshuaPrenga | Exclusively on DAZN 🥊 pic.twitter.com/T6bq3x0tUF
— Ring Magazine (@ringmagazine) July 25, 2026
