Обид за прибирање на кравите што со месеци слободно се движат низ кривопаланечкиот регион денеска предизвика тензична ситуација на терен, каде инспектори и сопственици влегоа во отворена трка по планинските падини.
Како што објави Телма, акцијата се одвивала во Крива Паланка, а екипите од терен ја пренеле атмосферата што наликувала на „вестерн“ сцена. Инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) заедно со припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) се обидувале да ги приберат животните, додека нивните сопственици ги бркале по планината со цел да спречат тие да бидат одземени.
Меѓу најгласните во обидот да ги оттурне кравите од инспекторите била Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот. Таа, викајќи по животните, се обидувала да ги насочи кон ридовите. По неа трчал и службеник кој се обидувал да ја сопре, но без успех.
И покрај преземената акција, кравите и понатаму слободно се движат низ кривопаланечко.
