Членот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Тамара Мицевска, одржа прес-конференција зад Универзална сала во Скопје. Таа упати серија јавни прашања до локалната власт во Општина Центар предводена од градоначалникот Горан Герасимовски.
Мицевска нагласи дека се отвораат прашања што директно го засегаат секојдневието на сите жители на оваа централна скопска општина.
„Каде се паркинг-местата? Каде се новите зелени површини? Каде се новите училишта и подобрите услови за живот што им беа ветувани на граѓаните? Господине Горан Бетон Герасимовски, по пет години на чело на Општина Центар, граѓаните заслужуваат конкретен одговор: колку нови училишта изградивте, колку нови паркинг-места обезбедивте и колку нови зелени површини уредивте“, праша Мицевска.
Во своето обраќање, таа потсети на јавните ветувања на општинското раководство, издвојувајќи интервју од 18 ноември 2025 година во кое беше најавено двојно зголемување на зеленилото според бројот на високостеблести дрвја и вкупната покриеност со зелени површини. Дополнително посочи дека на 22 септември 2025 година беше претставен тим од Комисијата за урбанизам со ветувања дека приоритет ќе бидат јавните простори и решавањето на проблемите со паркирањето, што беше зацртано и во изборната програма 2025–2029 година преку најави за зелена трансформација, микропаркови и зелени коридори.
„Денеска, 19.10.2026 кога маските ви паднаа видовме дека не ви е до граѓаните туку до удобната фотелја во која се вдомивте. Времето ви истекува, а резултати освен политички пресови нема. Господине Герасимовски Бетон охрабрете се заедно со својот ментор Филипче и излезете од удобната канцеларија да ја разгледате општината која ја водите како тоне без идеи и проекти, да видите како живеат граѓаните зошто вашите лаги во изборите за подобар живот никој не ги гледа ниту чувствува“, изјави Мицевска.
Таа заклучи дека ова претставува клучно прашање за иднината на општината и додаде дека Центар мора да добие функционални паркинзи, модерни училишни објекти и современи услови за живот.
„Центар заслужува резултати што граѓаните можат да ги видат и почувствуваат, а не ветувања што се повторуваат од избори до избори“, порача Мицевска.
