Најмалку два трговски центра се цел на денешните закани за бомби. Градскиот трговски центар се празни, а овој пат нема паника за разлика од претходните закани, кои стигаа по пат на имејл. Обезбедувањето ги предупредува граѓаните дека мора да го напуштат објектот, а тие мирно и без брзање го напуштаат трговскиот центар.

„Денеска, околу 13.20 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на 12 средни училишта, како и на МРТ, Транспортен центар, ГТЦ, ‘Џевахир сити’, ТЦ ‘Ист гејт’, ТЦ ‘Сити мол’, е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.

Слична ситуација има и во „Ист гејт“, каде што се празнеа дуќаните од страна на припадници на МВР и обезбедувањето.

Од МВР засега нема детали за пријавите. Од таму имаат испратено екипи на терен, кои преземаат антитерористички проверки. По нив, ќе известат за состојбата.

Закани за бомби имаше и вчера во 47 училишта.