Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во Општина Бутел се реализира проект за изградба на мега парк на површина од 50.000 квадратни метри, кој ќе претставува една од најголемите зелени површини во овој дел од градот.

Според најавата, паркот се гради долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“, а проектот е поделен во две фази. Првиот дел, со површина од 8.000 квадратни метри, е речиси целосно завршен и вклучува богати хортикултурни површини, плоштад, детски игралишта, пешачки патеки, фитнес зони и содржини наменети за сите генерации.

Паралелно се работи и на вториот дел од паркот, кој опфаќа 42.000 квадратни метри и ќе биде целосно хортикултурно и содржински уреден. Во рамки на комплексот ќе биде изграден и систем за наводнување со техничка вода, со цел да се обезбеди долгорочно и одржливо одржување на зеленилото.

„Она што со години беше депонија и симбол на негрижа, денес го претвораме во огромен, модерен и функционален мега парк на површина од 50.000 квадратни метри. Повеќе зеленило значи почист воздух, помалку урбана жештина, поздрава животна средина и поквалитетен живот. Затоа секој нов парк е инвестиција во здравјето и иднината на Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека инвестициите во паркови и зеленило се дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите скопски општини и создавање почиста и поздрава урбана средина.

Според Ѓорѓиевски, новиот парк ќе биде простор за децата, младите, семејствата и пензионерите, а целта е секој граѓанин да добие уреден, чист и достоинствен јавен простор за рекреација и одмор.