Во време кога Република Македонија се соочува со катастрофалните последици од Ковид 19 пандемијата, кога 55.000 луѓе ја загубиле работата, вработените од дејностите кои што се сега затворени се одјавуваат и не знаат како ќе сврзат крај со крај, имаме над 4.100 починати, трошоците за лекување се се повисоки, немаме ниту една обебедена вакцина, Александар Наумоски склучил договор за 40 нови партиски привремени вработувања во општина Ѓорче Петров, нешто кое што ќе ги чини граѓаните фантастични 9.600.000 денари, истакна Славчо Мисајлески, советник во советот на Општина Ѓорче Петров.
-Каква бесрамност и каков криминал ! Од кога е Александар Наумоски градоначалник на општината Ѓорче Петров го зголемил бројот на редовно вработени за 50%, но сепак активистите на СДСМ мора да бидат платени па така сите оние кои што земаат плата и седат по штабовите ќе ги плаќаме ние со наши пари, со наши скоро 10 милиони денари.
Во овој четиригодишен мандат Александар Наумоски за привремени вработувања потрошил 45 милиони денари.
1 милион евра за плати за партиски војници на СДСМ и послушници на Наумоски наместо нови градинки, училишта, улици, тротоари, паркови, проекти.
Во ек на најголемата здравствена и економска криза да се склучува договор за нови привремени вработувања во износ од скоро 10 милиони денари или скоро 180.000 евра пари на граѓаните, пари кои наместо да бидат алоцирани да го заштитат живот на граѓаните од вирусот, ќе легнат во џебовите на партиските војници на СДСМ и на кликата на Александар Наумоски е недопустливо.
Ги повикуваме надлежните институции, државната комисија за спречување на корупцијата и јавното обвинителство веднаш да отворат истрага за овој криминал.